Bible

Connect

With Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

2 Kings 3

:
Macedonian - 2006
1 Јорам, синот на Ахав, стана цар над Израел во Самарија во осумнаесеттата година од владеењето на јудејскиот цар Јосафат и царуваше дваесет години.
2 Тој правеше зло пред очите на Гос­под, но не така, како татко му и мајка му, зашто ја собори статуата на Ваал што ја беше направил татко му.
3 Сепак, тој се приврза кон грево­вите на Јеровоам, Наватовиот син, кој го наведе Израел да прави гревови, и не отстапуваше од нив.
4 Моавскиот цар Меша имаше мно­гу добиток и му испраќаше на израелскиот цар по сто илјади јагниња и по сто илјади неистрижени овни.
5 Но, штом умре Ахав, моавскиот цар се одметна од израелскиот цар.
6 Во она време царот Јорам излезе од Самарија и ги преброи сите Израелци,
7 па отиде и испрати да му кажат на јудејскиот цар Јосафат: „Моавскиот цар се одметна од мене. Ќе дојдеш ли со мене во војна против Моав?“ Тој одго­вори: „Ќе дојдам; Јас сум со тебе. Мојот народ е и твој народ, а моите коњи се и твои коњи.“
8 И рече: „По кој пат да одам?“ Тој рече: „По патот низ едомската пустина.“
9 И тргнаа израелскиот цар, јудеј­скиот цар и едомскиот цар, и одеа по заобиколен пат седум дена, и немаше вода за војската и за добитокот што одеше по нив.
10 Тогаш рече израелскиот цар: „Ах! Господ ги изведе овие тројца цареви за да ги предаде во раката на Моав.“
11 Но Јосафат рече: „Нема ли тука пророк Господов, па преку него да Го прашаме Господ?“ Одговори еден од слугите на израелскиот цар и рече: „Тука е Елисеј, Шафатовиот син, кој полеваше вода на Илиевите раце.“
12 И рече Јосафат: „Во него има слово Господово.“ И отидоа кај него израелскиот цар и Јосафат и едомскиот цар.
13 И му рече Елисеј на израелскиот цар: „Што имаш ти со мене! Оди кај пророците на татковците свои и кај пророците на својата мајка.“ И му кажа израелскиот цар: „Не, зашто Господ ги изведе овде овие тројца цареви за да ги предаде во раката на Моав.“
14 И рече Елисеј: „Се колнам во живиот Господ Саваот, пред Кого стојам! Ако не го почитував Јосафат, јудеј­скиот цар, не би те почитувал и не би те погледнал;
15 туку повикајте ми свирач.“ И кога свирачот свиреше, тогаш раката Гос­подова се допре до Елисеј,
16 и тој рече: „Вака говори Господ: ‚Направете ја оваа долина јама до јама‘
17 зашто вака вели Господ: ‚нема да видите ветар и нема да видите дожд, а оваа долина ќе се наполни со вода, од која ќе пиете вие и вашиот ситен и крупен добиток;‘
18 но тоа е малку пред очите на Господ: Тој и Моав ќе го предаде во рацете ваши,
19 и ќе ги поразите сите укрепени градови и сите главни градови, и ќе ги исечете сите добри дрвја, и ќе ги за­прете сите извори, и сите добри ниви и ќе ги затрупате со камења.“
20 Утредента, додека се принесуваше принос, одеднаш потече вода по патот од Едом, и земјата се наполни со вода.
21 Кога слушнаа Моавците дека царевите доаѓаат да војуваат со нив, беа собрани сите што носат појас и постари, па застанаа на границата.
22 Изутрината станаа рано, кога сонцето изгреа над водата; на Моавците таа вода оддалеку им се причини црвена како крв.
23 И тие рекоа: „Тоа е крв; се степале царевите меѓу себе и се истребиле еден со друг. А сега на плен, Моаве!“
24 И тие дојдоа до израелскиот логор. Станаа Израелците и удрија по Моав­ците, кои почнаа да бегаат од нив, но, тие и понатаму трчаа по нив за да ги дотепаат.
25 И ги разрушија градовите, и во секоја добра нива секој фрли по еден камен, и ја наполнија, и сите водни извори ги затрупаа, и сите плодни дрвја ги исекоа. Само во Кир-Харе­шет ги оставија камењата на ѕидините. Но и него праќарите го опколија и го раз­рушија.
26 Кога моавскиот цар виде дека ја губи битката, зеде со себе седумстотини мажи, наоружани со меч за да се пробијат кон едомскиот цар, но не можеа.
27 И тој го зеде својот првороден син, кој требаше да царува по него, и го принесе како жртва сепаленица врз ѕидот. Тоа предизвика големо гадење кај Из­раелците, и тие се повлекоа од него и се вратија во земјата своја.